Економија Избор Струга ТОП ВЕСТИ

Реконструирани петте улици во старото градско јадро во Струга

Струга, 2. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Заврши реконструкцијата на петте улици во стариот дел на Струга, во рамките на проектот „Поддршка на регионалниот економски развој преку туризмот, културата и другите економски дејности“, соопштија денеска од Центарот за развој на Југозападниот плански регион.

Реконструирани се улиците „27 Март“, „Нико Нестор“, „Браќа Миладиновци“, „Гоце Делчев“ и „Димитар Влахов“ во должина од 600 метри и површина од околу 3.200 метри квадратни.

– Изминативе неколку месеци се вадеа старите камени блокови, се постави нов тампонски слој и армирано – бетонска подлога, по што повторно се монтираше стариот камен со цел да се зачува автентичноста на старата чаршија, информираат од Центарот за развој на Југозападниот плански регион.

Паралелно, како што појаснуваат, била поставена и нова водоводна мрежа со приклучоци за 100-тина куќи во овој дел на градот, за што дополнително биле вложени околу пет милони денари од буџетот на Општина Струга. Подземно биле поставени и нови линии на ЕВН и телефонските и кабелските оператори.

Вкупната вредност на проектот е 13,6 милиони денари, а средствата се обезбедени преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој во партнерство со Општина Струга.

Во рамките на проектот „Поддршка на регионалниот економски развој преку туризмот, културата и другите економски дејности“, што се реализира преку Центарот за развој на Југозападниот плански регион, покрај во Струга, реконструирани се и улици во Охрид, Вевчани и Центар Жупа за што се инвестирани околу 50 милони денари. (Крај)

извор: МИА фото: МИА

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука