Избор Македонија ОБРАЗОВАНИЕ ТОП ВЕСТИ

Објавени резултатите од конкурсот за студентски стипендии за академската 2022/2023 година

Скопје, 2. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за образование и наука ги објави резултатите од Конкурсот за доделување на стипендии на редовни студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Македонија за студиската 2022-2023.

Студентите кои се стекнаа со правото на користење студентска стипендија треба да испечатат и пополнат три примероци од договорот за соодветната стипендија (објавени со резултатите) и заедно со копија од лична трансакциска сметка, од денес па сé до 17-ти февруари да ги достават до Министерството за образование и наука (директно во писарницата на МОН или по пошта – препорачана пратка со повратница на адреса бул. „Св. Кирил и Методиј“ бр. 54, 1000 Скопје).

Одбиените кандидати пак, ќе имаат можност за поднесување жалба до Државната комисија за одлучување по управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 15 дена од денот на приемот на решението од МОН во кое ќе биде наведена причината поради која апликацијата не е прифатена.

Решенијата и за прифатените и за одбиените апликации се изработуваат во моментов и ќе бидат испорачани на домашната адреса на секој апликант.

Согласно објавениот конкурс за оваа академска година планирано е да бидат доделени вкупно 3.000 стипендии, а годинава се воведени и три нови категории, кои се резултат на информациите за недостиг на кадар во одредени области.

Сите категории на стипендии се доделуваат за девет месеци во текот на студиската година и во износ од 6.050 денари, со исклучок на стипендиите за студиските програми по хемија, физика и математика, како и новите за земјоделските, ветеринарните и шумарските науки кои изнесуваат 18.000 денари месечно. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука