Економија Забава Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

И оваа година охридски изложувачи дел од „Саемот за венчавки“ – Wedding Expo 23 во Скопје

Охрид, 2. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охридски изложувачи и оваа година ќе бидат дел од „Саемот за венчавки“ – Wedding Expo 23, кој ќе се одржи од 10-ти до 12-ти март во хотелот „Александар Палас“ во Скопје и ќе понуди богата програма.

Отворањето на саемот за посетители е на 10-ти март од 17:00 часот, а во 21:00 часот ќе биде свечениот дел, кога на пистата ќе прошетаат многу познати личности облечени во венчаници и костуми. Во текот на вечерта ќе има и музички дел и многу забава. Водител и домаќин на саемот оваа година е Ведрана Ѓоргевиќ.

– Во делот на програмата за сабота и недела ќе има неколку индивидуални ревии, а посебен сегмент ќе биде и приказот на соодветни фризури и шминка за идните невести. На сцената ќе има познати мејкап артисти кои ќе презентираат и ќе делат совети за совршен изглед за големиот ден. За прв пат во Македонија ќе имаме и презентација на моден дизајн во 3D форма, а најдобрите дизајнери ќе добијат и посебно признание. Секако најголемата забава за идните невести ќе биде прошетката низ трите хали во хотелот каде најдобрите дизајнери, декоратери, фотографи, ресторани и се што е потребно за организација на големиот ден ќе го изложат на простор од 2.000 м2, порачуваат организаторите.

Додаваат дека убавината на Саемот не се само иновациите, туку и големите попусти кои можат да се добијат доколку се аплицира за шопинг картичката која може да се добие бесплатно, а се’ што треба да се стори е да се испрати порака на меил адресите contact@vobelo.mk и vobelo.mk@gmail.com и да се остават податоци (телефон, име и датум за свадба).

Организатор на настанот е магазинот www.vobelo.mk. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука