ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Светски ден на радиото: Супер радио ја држи магијата жива и понатаму останува водечки медиум во регионот

Охрид/Скопје, 13. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Под покровителство на УНЕСКО, денеска по 12. пат се прославува Светскиот ден на радиото.

Целта е да се подигне свесноста за значењето на радиото меѓу јавноста и медиумите, да се охрабри вмрежувањето и меѓународната соработка меѓу радиодифузерите и да се промовира пристапот до информациите и слободата на изразување преку брановите на овој медиум.

Радиото, како универзален медиум кој досега до различни заедници и маргинализирани групи, нудејќи притоа забава, едукација, користење на правото на слобода на изразување, јавни дебати, е составен дел од секојдневието на многумина.

Со развојот на интернет и мобилните технологии уште повеќе се зголемуваат неговите досегашни можности. Радиото и понатаму успева да се адаптира на ритамот на општествените и технолошките трансформации, но и на потребите на слушателите.

Охридското Супер радио минатата година го прослави 30. роденден и останува препознатлив медиум по обработката на програмата, маркетинг сегментот, музиката, но и со комплетна забавна, информативна и спортска програма.

Со просечен неделен досег од 19,12% и дневен од 8,82 %, охридското Супер радио и во периодот октомври-декември 2022 година останува водечки медиум во својот регион и еден од најпопуларните во Република Македонија. Супер радио е една од најстарите радио станици во државата и е на врвот на слушаноста од почетокот на објавувањето на официјалните рејтинзи на некогашниот Совет за радиодифузија на Република Македонија (сега АВМУ).

Потврда за работата на радио станицата дојде и од локалната заедница, со доделувањето на Св. Климентовата повелба за досегашната успешна работа и придонес за градот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука