ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Слободен печат: Здружението „Цар Борис III“ од Охрид ќе го менува името, поднесено е барање до Централниот регистар

Скопје/Охрид, 13. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охридското здружение „Цар Борис III“ ќе го смени името, а битолското здружение „Иван Михајлов“ досега не поднело никакво барање до Централниот регистар. Од Централниот регистар велат дека охридското здружение пред три дена покренало постапка за да се усогласи со измените на Законот на здруженијата и фондациите.

– До Централен регистар на ден 10.02.2023 година е доставен допис со наслов Предмет:Барање за усогласување на работата на Здружение за афирмација на културните вредности на македонските бугари „Цар Борис III“ од Охрид со Закон за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации (Службен весник на Република Македонија број 239/2022). На барањето од подносителот е доставено известување за доставување на пријава и прилози согласно Законот за здруженија и фондации, се вели во одговорот на Централниот регистар на прашањето на Слободен печат дали некое од двете бугарски здруженија на граѓани досега поднело барање за измена на називот и статутот.

Рокот во кој двете здруженија требаше да си ги сменат имињата истекува на 16 февруари, а ако не го сторат тоа во рок од 30 дена министерот за правда треба да донесе решение за нивна ликвидација и тие да бидат избришани од Централниот регистар. Решението треба да го донесе новиот министер за правда Кренар Лога од Алијанса за Албанците, кој утре се очекува да биде изгласан на функцијата во Собранието.

Од Министерството за правда неодамна објаснија дека ако здруженијата не ги сменат називите и статутите министерот за правда ќе донесе одлука за неусогласеност на имињата врз основа на добиено негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на историски личности.

– Организациите кои нема да ги усогласат името или називот, скратеното име, програмата, целите и дејностите согласно законските измени се бришат од Регистарот врз основа на донесена одлука за неусогласеност од страна на министерот за правда по претходно добиено негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња. Одлуката се донесува во рок од четири месеци од денот на влегувањето во сила на законските измени – велат од Министерството за правда.

Скандалозните имиња на двете бугарски здруженија предизвикаа огромен револт кај граѓаните во Македонија и низа реакции, по што Собранието лани со консензус донесе измени на Законот со кој им се забрани за здруженијата, фондациите и политичките партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх итн, со рок од три месеци за да се усогласат со измените. По ова официјална Софија на чело со претседателот Румен Радев реагираше дека Македонија ги крши правата на Бугарите, а случајот со провокаторските здруженија го искористи како аргумент плус зошто Бугарите треба да влезат во македонскиот Устав. Дополнително, пред да се распушти бугарското собрание усвои декларација за осуда на „насилството врз Бугарите во Макеоднија, антибугарската реторика и говорот на омраза“, во која искажа јасно противење на измените во Законот за здруженија, затоа што „го дискриминираат и го ограничуваат правото на здружување на Бугарите во РМ, а може да ги попречат и предодредат активностите на Заедничката комисија за историски и образовни прашања за одредени периоди и лица“.

Охридскиот клуб „Цар Борис III“ беше отворен лани во октомври, а за време на отварањето имаше протести на револтирани граѓани. Набрзо по отварањето клубот беше каменуван, па во него беше пукано, а сторителите на овие напади досега не се откриени. Неодамна, пак, во Охрид беше натепан секретарот на клубот Христијан Пендиков, по што Бугарија итно го евакуираше со авион, а охридското обвинителство за овој случај покрена обвинение против едно лице за напад врз етничка основа.

Битолскиот клуб „Иван Михајлов“ беше отворен лани во април во присуство на целиот бугарски државен врв, на чело со тогашниот премиер Кирил Петков. (Крај)

извор: Слободен печат фото: ОхридПрес

 

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука