Избор Култура ТОП ВЕСТИ

Три претстави на охридскиот народен театар ќе бидат финансирани од министерството за култура

Охрид, 15. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – И оваа година охридскиот Центар за култура „Григор Прличев“ доби финансии од министерството за култура за реализација на три претстави на Народниот театар.

Согласно објавените резултати од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес одобрени се по 650.000 денари за театарските претстави „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет во режија на Сашо Миленкоски и „Несфатената цивилизација“ од авторот Добри Војников, во режија на Софија Ристеска Петрушева, додека 600.000 денари се одобрени за претставата „Серјожа е труп“, од Димитри Данаилов, во режија на Дејана Николовска.

Покрај тоа на Центарот за култура му се одобрени 1.000.000 денари за Балкански фестивал на народни песни и игри, а по 200.000 денари за Прличеви беседи и фестивалот „Охридски староградски средби“.

Одобрени се и 45.000 денари за реализација на проектот „Фузија“ на Христијан Томаноски од областа на визуелни уметности, архитектура и дизајн.

Во делот на инвестиции за националните установи, одобрени се 400.000 денари за тапацирање на столчињта во кино салата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука