Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Копров: Го поканувам бугарскиот претседател Радев да го види пергаментот кој потврдува дека моето семејство е старо над 700 години и дека сме Македонци

Скопје/Охрид, 26. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Мојата стара куќа во Охрид е на само 20 метри од тврдината. Кога ја реновиравме, најдовме неколку крстови и стар пергамент на кој јасно пишува дека моето семејство е старо повеќе од 700 години и дека сме Македонци.

Ова во емисијата „Еден на еден“ на Канал 5 телевизија го изјави славниот македонски автор и композитор Григор Копров.

– Моето семејство е едно од трите најстари во Охрид. Моите дошле од Дебар пред повеќе од 700 години, а пергаментот е доказ за семејното стебло и таму јасно пишува дека сме Македонци. Живеевме во Месокастро и дедо ми од секогаш кажуваше дека сме Македонсци, беше еден од основачите на ВМРО. Нека дојде претседателот на Бугарија Румен Радев да го види, нека дојде во Охрид, ќе го пречекаме. Охриѓани се гостопримливи луѓе. Томче Русев беше најголемиот композитор во Бугарија и е мој голем пријател. Никогаш не станало збор кој е кој. И сега денеска некој сака да ги кара народите. Јас сум убеден дека 90% од населението во Бугарија не го интересираат овие работи. Сега од еден обичен инцидент, еден претседател да ни кажува вакви работи, изјави композиторот Копров.

Тој додава дека не верува дека претседателот на Бугарија си го знае своето семејно стебло наназад 700 години.

– Ние мора да се зближиме. Не сме ние 200 милиони луѓе. Мора да има граница до каде треба да се оди и тоа најмногу ни смета, потенцира Копров. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: screenshot-Канал 5

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука