Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Судски пропуст: Обвинетиот Тони Јакимовски не пристигна во судницата од Охрид, одложен судскиот процес за случајот „Таргет-Тврдина“

Скопје, 27. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Почетокот на новиот судски процес за случајот „Таргет-Тврдина“ се одложи бидејќи во судницата не беше присутен обвинетиот Тони Јакимовски, кој поради судски пропуст не беше спроведен од Охрид, каде издржува мерка куќен притвор за случајот „Спец-каса“.

Судијата Илија Трпков објасни дека Судот испратил покана до Јакимовски дека денеска треба да се појави во Судот, но не испратил наредба до полициската станица за спровод на обвинетиот. По ова судијата Трпков го презакажа рочиштето за утре, кога треба да сведочат и двајцата „свиркачи“ Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски.

Судењето за случајот „Таргет-Тврдина“ се врати од почеток откако на 16 декември лани Апелацискиот суд ја укина првостепената пресуда, со која поранешниот директор на Управата за безбедноста контраразузнавање Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор.

Апелацискиот суд ги уважи жалбите на седум обвинети во случајот, и оцени дка пресудата е нејасна, неразбирлива и неподобна за понатамошно испитување. Кривичниот суд само ги навел кривичните дела за кои обвинетите се прогласени за виновни, како и казните кои им се изречени, без да се внесе целосен опис на извршените кривични дела како и фактите и околностите што го поткрепуваат обвинението. (Крај)

извор: ПлусИнфо фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука