Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Може ли (и дали треба) Пецаков ова лето да го употреби „Законот на Мерко“ за плажите?

Охрид/Струга, 15. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Додека во Охрид во 2021 година се уриваа објектите на плажите, во соседна Струга угостителите се подготвуваа за летната туристичка сезона.

– Ние не мислиме негативно, ние секогаш размислуваме позитивно. Секогаш велам дајте да градиме туристички капацитети, а ние како локална самоуправа им стоиме на располагање. Ние сакаме да имаме привлечен град, не само за туристи од државата, туку од целиот свет, изјави тогаш Рамиз Мерко, кој ја пополнува функцијата градоначалник на соседна Струга.

Една година подоцна, во 2022-та, во период додека Општина Охрид го чека Планот за управување со Охридсколто крајбрежје од Агенцијата за просторно планирање и остана без уредени плажи, Мерко најави дека, покрај постоечките, Струга ќе добие и нови, уредени и современи плажи, затоа што, како што изјави тогаш, „туризмот нема да трпи“, и дека мора да има плажи за туристите.

– Струшките плажи ќе бидат со шанкови, лежалки, чадори и урбана опрема. Има дополнителни места кои ќе бидат плажи. Мислам дека во целост сите плажи ќе бидат во функција за гостите кои ќе дојдат во Струга за летните одмори. Имаме направено добра понуда, изјави Мерко минатата година.

Тој додаде дека смета дека објектите на плажите не се дивоградби и дека имаат легални договори и сè што е на државно земјиште, а го користат приватни лица го наплатува општината.

– Сите се легални. Додека се договараме со централната власт како понатаму со плажите, ние мораме да ги искористиме и со нив да надополнуваме и дел од буџетот на Општина Струга, додаде Мерко.

Летото е пред нас, Супер радио и OhridPress во повеќе наврати ја следат оваа тема и веќе сосема легитимно се поставува прашањето – може ли (и дали треба), градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков ова лето да го употреби „Законот на Мерко“ за плажите?

Преседанот е направен, можеби ќе му попречи (нон ДУИ) политичката определба, но пораката мора да се прати. На едно езеро да имаме три „стопани“ од две држави, тешко дека ќе го имаме уште долго. За едниот не важат скоро никакви закони, другиот пушта излив од рудници директно во езерото од кое лови се’ што има шкрги, а од третиот се очекува да биде „со сите петки“. Таа состојба е едноставно неодржлива и некаде и некогаш состојбата мора да се реши.

Пецаков неодамна истакна дека планот за охридското крајбрежје зависи од Агенцијата за просторно планирање и иднината и не е баш сјајна на ова поле. Со ова повторно се доведува во прашање функционирањето на најпопуларните охридски плажи. Иако сме уште на почетокот на март, сепак треба да се размислува за новата летна сезона, за да не се случи како минатата година, кога дел од плажите на охридското крајбрежје останаа затворени и запуштени, за разлика од Струга, каде како да важат некои други закони.

– Според сите параметри што ги имаме и редовните состаноци со засегнатите страни, планот не би се донесол ни во наредните две години. Уште не ги имаат добиено подлогите за изработка на планот за уредување на крајбрежјети, не можам да одговорам зошто е тоа така. Меѓутоа, планот во моментов е зависен и од тоа што претставува закон за Студенчишко блато што треба да се носи во Собранието на Република Македонија. Понатаму, планот за управување и прогласување за Национален парк се зависни, а оваа проецедура е закочена во Собранието. Имаме план, но додека не го завршиме не можам да изнесам детали. Срамота е Охрид во 21 век да нема уредени плажи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука