Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Пецаков: Имаме план, но не можам да изнесам детали, срамота е Охрид во 21 век да нема уредени плажи

Охрид, 10. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Планот за охридското крајбрежје зависи од Агенцијата за просторно планирање и иднината и не е баш сјајна на ова поле, мислам на блиската иднина, истакна денеска градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.

Со ова повторно се доведува во прашање функционирањето на најпопуларните охридски плажи. Иако сме уште на почетокот на март, сепак треба да се размислува за новата летна сезона, за да не се случи како минатата година, кога дел од плажите на охридското крајбрежје останаа затворени и запуштени, за разлика од Струга, каде како да важат некои други закони.

– Според сите параметри што ги имаме и редовните состаноци со засегнатите страни, планот не би се донесол ни во наредните две години. Уште не ги имаат добиено подлогите за изработка на планот за уредување на крајбрежјети, не можам да одговорам зошто е тоа така. Меѓутоа, планот во моментов е зависен и од тоа што претставува закон за Студенчишко блато што треба да се носи во Собранието на Република Македонија. Понатаму, планот за управување и прогласување за Национален парк се зависни, а оваа проецедура е закочена во Собранието. Имаме план, но додека не го завршиме не можам да изнесам детали. Срамота е Охрид во 21 век да нема уредени плажи.

Според Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови за 2022 година, Агенцијата за планирање на просторот започна со изработка на Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за заштитена зона на крајбрежен појас на Охридско Езеро.

Ова стои во одговорот на поставеното прашање од страна на редакцијата на Супер радио и OhridPress до Агенцијата за планирање на просторот, за тоа до каде е постапката за донесување на Планот за уредување на охридското крајбрежје.

– За таа цел согласно закон за УП, беа изработени Услови за планирање на просторот и Планска програма за Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за заштитена зона на крајбрежен појас на Охридско езеро. Процедурата за донесување на овој план ја води надлежното министерство. Исто така Ве известуваме дека Агенцијата запланирање на просторот има изработено Просторен план за Охридско-преспански регион („Службен весник на Република Македонија” број 22/10), донесен во 2010 година, со плански период 2005-2020 година, информираа од Aгенцијата за планирање на просторот Скопје.

Со ова не се дава конкретен одговор на тоа до каде точно е постапката за носење на Планот за уредување на охридското крајбрежје, од кој детално ќе се види каде треба да има плажи и да бидат уредени според посебни критериуми.

Веќе 2 години плажите не работат, а од локалната самоуправа и претходно најавија дека ќе направат се’ за ова лето плажите да бидат уредени. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука