Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

СВР Охрид со соодветни безбедносни мерки во пресрет на средбата Вучиќ-Курти во Охрид

Охрид, 16. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во врска со претстојната средба помеѓу српскиот претседател Александар Вучиќ со премиерот на Косово, Албин Курти, во рамки на дијалогот Србија-Косово, Секторот за внатрешни работи Охрид, презема соодветни безбедносни мерки.

Во рамките на истите се отстранети забавувачите на брзината во сообраќајот, т.н „лежечки полицајци“ по главната сообраќајница во градот, булеварот „Туристичка“.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во обраќањето до јавноста, вечерва изјави дека во Охрид не се очекува судбоносен ден, дека од Брисел сѐ уште не пристигнал нацрт за тоа што сака ЕУ, дека Србија ќе продолжи да работи со Европската Унија и нема да се откаже од „црвените линии“. Според него, одредени медиуми објавиле наводен „таен план“ за имплементација на договорот, но дека тоа не е вистина, туку список на желби од албанска страна.

– Сега проблемот не е што се потпишува, туку сите се надеваат дека јас ќе потпишам. Нема да верувате зошто. Всушност, никој не се надева, освен делот на обичните луѓе, дека нема да потпишам, бидејќи никому не му е гајле за Косово и Метохија, само им е гајле да имаат можност јавно да пукаат во претседателот. А, тие што го организираат протестите се надеваат дека ќе потпишам за да можат да ми ја бараат главата како да сум јас тој што го прави планот, а не затоа што ќе бидете несреќни ако планот биде прифатен, рече претседателот на Србија Вучиќ, според кого нормализирање на односите за него е да имаат подобри основи со Албанците, дека решаваат безброј проблеми и се трудат да живеат колку што се може повеќе заедно, ако не, тогаш еден до друг.

Се очекува првата средба во Охрид да започне во 10:00 часот. Од делегацијата на ЕУ во Приштина наведуваат дека по завршувањето на сите состаноци, предвидена е изјава на Борел за медиумите.

Домаќин на средбата во Охрид ќе биде премиерот на Република Македонија Димитар Ковачевски.

Средбата меѓу српскиот претседател Вучиќ и косовскиот премиер Курти со претставници на ЕУ во Брисел кон крајот на минатиот месец заврши без договор, но европскиот комесар за надворешни работи Борел тогаш изјави дека Вучиќ и Курти се согласиле дека не се потребни дополнителни разговори за европскиот предлог и дека тоа е рамка за нормализирање на односите меѓу двете страни. Борел истакна дека разговорите биле интензивни и дека и Вучиќ и Курти покажале одговорност. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука