ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Избори во Бугарија: Ниту едно лице од Охрид не се пријавило да гласа на избирачкото место предвидено во поранешниот клуб „Цар Борис III“

Охрид, 2. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Ниту едно лице од Охрид не се пријавило за гласање на парламентарните избори во Бугарија што се одржуваат денеска, а само 169 бугарски државјани кои живеат во Македонија го најавиле своето учество.

Станува збор за лица кои ќе гласаат на избирачките места што денеска ќе бидат отворени во Република Македонија, како и во други држави во Европа и светот.

Списоците на пријавени лица за гласање беа објавени на веб-страницата на бугарското Министерство за надворешни работи. Од седум избирачки места во исто толку градови во земјава, ќе се гласа во шест: Скопје, Битола, Кавадарци, Прилеп, Струмица и Тетово. Избирачко место е предвидено и во Охрид каде беше отворен и бугарскиот клуб „Цар Борис III“, но за таму не се пријавил никој.

– Списокот не е предмет на објавување бидејќи нема лица кои изразиле желба да гласаат, пишува за избирачкото место во Охрид.

Во шесте останати градови, пак, најмногу гласачи ќе има во Кавадарци и Прилеп, а најмалку во Битола што е градот каде се отвори бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“.

Министерот за правда Кренар Лога неодамна го потпиша решението за неусогласеност врз основа на добиеното негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности за употреба на името Цар Борис III во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари „Цар Борис III“ во Охрид. Од Министерството за правда на Република Македонија укажуваат дека постапуваат согласно со одредбите од Законот за здруженија и фондации, притоа земајќи го предвид и мислењето на Комисијата за имиња на личности и најавуваат дека Решението ќе се достави до Централен регистар на Република Македонија за понатамошно постапување. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука