Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Се намалува бројката, на изборите лани во Македонија гласале 461 Бугарин, годинава 453

Скопје/Охрид, 3. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Слаб одѕив на бугарските парламентарни избори е забележеан кај Бугарите во Македонија, информираат бугарски медиуми, пренесува DW.

Според бугарските медиуми, бројот на бугарски државјани кои гласале на избирачки места во Македонија бил 453, на изборите лани во октомври гласале 8 Бугари повеќе, односно вкупно 461.

Вчерашните парламентарни избори во Бугарија беа петти по ред во две години, откако и по последните избори ниту една партија и коалиција не успеа да формира влада, поради што Бугарија функционираше со службена влада.

Бугарите во странство вчера гласаа на 737 избирачки места во 61 држава. Во Македонија се гласаше на седум избирачки места и тоа во Скопје, Битола, Струмица, Тетово, Охрид, Кавадарци и Прилеп. Според списоците што ги објави бугарската Централна изборна комисија најмногу пријавени за гласање во Македонија имало во Кавадарци 42, во Прилеп 41, во Тетово 40, во Струмица 22, во Скопје 15, во Битола 9, и ниту еден во Охрид. Сепак, 66 лица од Охрид го оствариле своето гласачко право.

Но, бидејќи можеа да гласаат и оние кои не се пријавиле, а и оние кои имаат и времени патни исправи, според бугарски медиуми бројката на пријавени сепак била надмината, иако „поради заладените односи меѓу Бугарија и Македонија, многу Бугари не се осмелиле да отидат до гласачките кутии“.

Министерот за правда Кренар Лога неодамна го потпиша решението за неусогласеност врз основа на добиеното негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности за употреба на името Цар Борис III во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари „Цар Борис III“ во Охрид. Од Министерството за правда на Република Македонија укажуваат дека постапуваат согласно со одредбите од Законот за здруженија и фондации, притоа земајќи го предвид и мислењето на Комисијата за имиња на личности и најавуваат дека Решението ќе се достави до Централен регистар на Република Македонија за понатамошно постапување. (Крај)

извор: denesen.mk/ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука