ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Охрид некогаш ТОП ВЕСТИ

Охрид некогаш: Охридската чаршија пред точно 60 години (Фото)

Охрид, 3. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – На популарната Facebook страница Охрид кој веќе го нема, објавена е прекрасна фотографија, според администраторите стара точно 60 години.

На истата е прикажана охридската чаршија со старата подлога, старите дуќани и карактеристичното улично осветлување, но и повеќе лица облечени во народни носии.

– Охридската чаршија во својот автентичен, ориентален изглед, пред точно 60 години. Поплочена со природниот камен (со чие вадење и замена со некаков композитен „камен“ и бехатон, некој си направи убава зделка). На фотографијава се и карактеристичните дуќани од тула и делкан бигор, со дрвени врати и излози, а не како денешните, начичкани „бутици“, од кои на секој втор има залепен лист со натпис „се бара работник/работничка/продавачка“, со пластики, алуминиум и секакви други материјали, со реклами поголеми од вратите и што уште не! Посебен шмек на фотографијава, а секако и на чаршијата од тоа време, му даваат пештанките и трпејчанките во живописните носии кои денес ни во музеј не може да се видат, а не пак да шетаат по чаршија! Е така беше во 1963 година, кога е направена фотографијава, а сега сето тоа не само што го нема, туку никогаш повеќе нама ни да го има, освен на понекоја ваква фотографија. Затоа, уживајте во глеткава, а постарите и носталгичните нека го вратат филмот во тоа време и нека се потсетат на младоста, напиша администраторот Милчо Георгиевски на објавата на фотографијата.

Станува збор за уште една прекрасна фотографија, која е вистинска „временска машина“ и не враќа во едно посиромашно, но многу поедноставно и убаво време. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Facebook Охрид кој веќе го нема

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука