Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Компании од Охрид меѓу субјектите кои не ги почитувале владините одлуки, имињата ќе бидат соопштени кога ќе заврши постапката

Скопје/Охрид, 3. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од донесувањето на првата Одлука која се однесува на ограничување на маржата од пет до десет отсто до сега се извршени над 1.800 надзори и издадени се над 20 прекршочни платни налози во вредност од над 2,5 милиони денари, соопшти директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски.

Според него, ДПИ неселективно постапува по сите владини одлуки кои се однесуваат на цените на производите.

– И натаму ќе работиме со полн капацитет и сите инспектори ќе бидат на терен. Никој не е над законот, тоа ќе биде така додека сум јас директор на Инспекторатот. Нема да дозволам да има исклучоци и секој што прекршил одлука или закон ќе биде санкциониран со соодветна казна. А, казните се високи, од 800 до 10.000 евра зависно од големината на субјектите, истакна Трајковски.

На прашањето дали ќе ги објави имињата на субјектите кои не ги почитувале владините одлуки и за кои има изречено казни, Трајковски рече дека тоа ќе го направи откако целосно ќе биде завршена постапката.

– Констатирани се неправилност, издадени се прекршочни платни налози кои треба да се платат во рок од осум дена, но бидејќи се уште не се платени затоа е поведена прекршочна постапка пред надлежен суд. По завршување на постапката имињата ќе бидат соопштени, рече Трајковски додавајќи дека станува збор за 20 прекршочни постапки.

Според него непочитување на одлуките имало во Кичево, Охрид, Битола, а за тоа дали имало и во Скопје најави дека ќе ги провери податоците и дополнително ќе извести. (Крај)

извор: 360 Степени фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука