Економија Избор Македонија Општина Дебрца ТОП ВЕСТИ

Евроамбасадорот Едвард Гир во целодневна работна посета на руралната општина Дебрца

Белчишта/Охрид, 3. март 2013 (ОХРИДПРЕС) – Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Давид Гир, денешниот ден го мина во целодневна работна посета на општина Дебрца.

Притоа, евроамбасадорот Гир имаше работна средба со градоначалникот Зоран Ногачески и членовите на Советот на Општина Дебрца, по што изврши посета и промоција на дел од претходно реализираните проекти, поддржани и од страна на Европската Унија.

Амбасадорот Гир со своите соработници, имаше повеќе часовна средба и размена на идеи и искуства со претставници на невладиниот сектор.

Теми на интерес беа прашања од доменот на културно-историскиот развој и наследство на оваа историска територија, позната од времето на НОВ во Втората светска војна, при што, како локација, беше одбрано селото Црвена Вода и угостителско-рекреативниот центар „Бела каса“, на 1.250 метри надморска височина. Сопствениците на комплексот, Кате и Васил Граждани, на негово барање, го информираа амбасадорот Гир со развојните планови, но и за објективните потешкотии и пречки, пред се’, од комунален карактер и непристапност, за што сами се уверија гостите, заглавени во дебела кал.

Исто така, стана збор за неограничените, но, недоволно искористени потенцијали за развој на руралниот туризам, производството на еколошка храна, пчеларството, ловот и риболовот.

За Балканскиот поетски камп „Ванчо Николески“, единствената таква манифестација на овие простори, зборуваше организаторот Веле Митаноски, од Здружението за култура и литература „Мацково“, кој на гостинот му подари книга поезија и хроника на селото.

Евроамбасадорот Гир, денеска, имаше средба и со претставници од бизнис заедницата во Општина Дебрца и бројни граѓани. (Крај)

извор: Веле Митаноски фото: Веле Митаноски

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука