Избор Македонија ОБРАЗОВАНИЕ Охрид Струга ТОП ВЕСТИ

МОН објави Конкурс за прием на ученици во ученичките домови, за нив отворени врати и во Охрид и Струга

Скопје/Охрид, 3. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за образование и наука објави Конкурс за прием на ученици во јавните ученички домови во државава за учебната 2023/2024 година.

За сместување и исхрана на ученици од средното образование има вкупно 2.537 слободни места во 14 ученички домови во Скопје, Охрид, Струга, Битола, Велес, Гостивар, Кавадарци, Куманово, Кратово, Крива Паланка, Македонски Брод, Свети Николе, Струмица и Штип. Учениците кои се пријавуваат на Конкурсот треба да пополнат електронска пријава поставена на интернет-порталот на министерството или директно да поднесат хартиена пријава до ученичкиот дом.

Рокот за пријавување на учениците кои се запишани во прва, втора, трета и четврта година ќе почне од 26-ти јуни и ќе трае до 10-ти јули 2023 година. Листата на примени ученици ќе биде објавена на веб-страницата на МОН, како и на огласната табла на домот, најдоцна до 19-ти јули 2023 година.

Учениците кои ќе бидат примени за сместување и исхрана во дом, сами ќе ги плаќаат трошоците за превоз од-до постојаното место на живеење.

Во Конкурсот е наведено дека првенство при прием на ученици во јавните ученички домови ќе имаат ученици запишани во Државното средно училиште Спортската академија во Скопје и дисперзираните паралелки на ова училиште во другите градови на државата.

Доколку останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, електронското пријавување ќе биде активно од 15-ти август 2023, сè додека има слободни места, за што МОН континуирано на својата веб-страница ќе објавува списоци за примени ученици по домови. (Крај)

извор: ПлусИнфо фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука