Економија Избор Македонија Струга ТОП ВЕСТИ

Бочварски: Делницата Требеништа-Струга-Ќафасан ќе започне кон крајот годинава по принципот „проектирање и изградба“, со обврска изведувачот да проектира по делници и да гради

Тетово/Струга, 4. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Изградбата на делницата Требеништа-Струга-Ќафасан во должина од 21,7 километри предвидено е да започне кон крајот на оваа година, изјави во своето обраќање министерот за транспорт и врски Благој Бочварски по повод отпочнување со градба на автопатската делница Тетово-Гостивар на Коридор 8.

– Сите сме свесни дека ова нема да биде лесна работа, ни претстојат огромни предизвици, бидејќи градежништвото е неизвесно на терен, но сакам да уверам дека максимално сме фокусирани на изградбата на овие проекти на Коридорите 8 и 10-Д. А коридорите се од витално значење за целиот Западен Балкан и заради тоа имаме подршка и од нашите стратешки партнери. И не случајно, присутни сме тука претставници од целиот регион, од Албанија, од Бугарија. Сите заеднички му даваме огромно значење на овој европски проект, бидејќи нашата заедничка иднина е европска. И морам да спомнам дека ова е наш заеднички успех на сите граѓани. Сакам да потенцирам дека за прв пат воведуваме нов модел во изградбата на патиштата кој низ Европа дава резултати. Се со цел да ја забрзаме изградбата на Коридорите, изведувачот ќе го примени принципот на „проектирање и изградба“, а тоа подразбира дека на изведувачот му се дава обврска да проектира по делници и да гради. Очекувам добро менаџирање со проектот и верувам дека компанијата Изведувач како светски реномирана компанија, ќе покаже силна акција, модерни методи и технологии на терен, а тоа е предуслов на зајакнување и на капацитетите на домашните градежни компании, напомена Бочварски.

Станува збор за изградба на четири автопатски делници во должина од речиси 110 километри на коридорите 8 и 10 д. Делниците ќе се градат во наредните пет години, а изградбата ќе чини 1,3 милијарди евра. Со договорот се опфатени автопатските делници на Коридорот 8: Тетово-Гостивар (над 17 километри), Гостивар-Букојчани (30,3 километри), Требеништа-Струга-Ќафасан (близу 22 километри) и на делницата Прилеп-Битола (речиси 40 километри) од Коридорот 10-д.

– Патната поврзаност низ регионот и во Македонија се многу важни. „Бехтел и Енка“ имаат голема историја во испорачувањето на проекти, а особено на сложени. Ја преземавме одговорноста да обезбедиме највисок стандард што е мошне сериозно за овој проект, рече Марк Алисон, генерален директор за нискоградба „Бехтел“ при потпишувањето на договорот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука