Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид Струга ТОП ВЕСТИ

Потпишан договорот за Коридорите 8 и 10д, ќе се градат четири автопатски делници, вредноста е 1,3 милијарди евра

Скопје, 8. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) и конзорциумот „Бехтел и Енка“ денеска во Владата потпиша договор со за изградба на четири автопатски делници во должина од речиси 110 километри на коридорите 8 и 10 д.

Делниците ќе се градат во наредните пет години, а изградбата ќе чини 1,3 милијарди евра.
Со договорот се опфатени автопатските делници на Коридорот 8: Тетово – Гостивар ( над 17 километри), Гостивар – Букојчани (30,3 километар),Требеништа – Струга – Ќафасан (близу 22 километри) и на делницата Прилеп – Битола (речиси 40 километри) од Коридорот 10- д.

– Патната поврзаност низ регионот и во Македонија се многу важни. „Бехтел и Енка“ имаат голема историја во испорачувањето на проекти, а особено на сложени. Ја преземавме одговорноста да обезбедиме највисок стандард што е мошне сериозно за овој проект, рече Марк Алисон, генерален директор за нискоградба „Бехтел“ при потпишување на договорот.

Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека изградбата на овие автопатски делници е од исклучително значење за подигнување на нивото на квалитетот на патната инфраструктура и сообраќајот.

– Преку делниците Македонија станува уште позначајна регионална и меѓународна транспортна рута и уште позабележителна на светската мапа. Нашите напори за модерна патна и железничка инфраструктура како и регионално и меѓународно поврзување се веќе видливи. Нашата цел е поврана и економски развиена земја членка на ЕУ, рече Ковачевски.

Нема достапен опис

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски истакна дека во буџетот на министерството за годинава се предвидени 244 милиони евра.

– Очекувам добро менаџирање на процесите, ни претстојат многу предизвици на терен, но очекувам сите да се вложиме максимално и да ги постигнеме зацртаните цели за модерна и квалитетна инфатсруктура, рече Бочварски.

На потпишувањето на договорот беше истакнато дека ова е еден од најголемите инфрастуктурни проекти. Две години по потпишување на меморандумот, се дојде и до завршување на сите постапки и преговори за конечно се потпише договорот и да започнат работните активности. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука