ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Охрид може: Да му помогнеме на Тони Крстевски од охридско Велгошти

Охрид, 10. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Тони Крстевски живее во охридско Велгошти и има 40 години. И двајцата родители му биле лица со посебни потреби, но, и покрај се’, доколку многу мал не ја изгубел мајката, можеби неговиот живот ќе имал друг тек.

– Куќата на нешто личеше додека беше жива мајка ми. Многу бев мал кога таа умре. Сиромашен беше татко ми и често бев гладен. Да не беа баба и дедо, досега не ќе бев жив. За жал и тие ме напуштија па, се’ што направив во животот е завршено основно образование и вработување од кое имам стаж од 20 години, вели Тони и додава дека поради несредени домашни односи бил принуден да живее под кирија и минималната плата од 9.000 денари да ја дава за сметки и сместување, објави порталот velgosti.com.

Денес, не е во состојба да плаќа повеќе, па затоа седи во полураспадната куќа, која поради долг нема струја со години.

Се затоплува повремено кај соседите, кај нив и се храни. Облека зема од социјалните служби и хуманите луѓе. Па, затоа за да почувствува топлина и да биде еднаш во животот среќен бара било каков покрив над главата и основни услови за живот.

– Немам ни струја ни шпорет, бев да се стоплам кај комшии, така го поминувам денот бидејки немам ништо дома и си заминав. Се иселив и заминав под кирија, вели Тони за емисијата „Срце на дланка“.

Ова момче има многу преживеано во животот.

– Барам храна, ако некој ми даде добро, ако не ќе се свиткам и ќе си ќутам. Земам 9.000-10.000 денари плата. Желба ми е да најдам некоја куќа, да ми излезе некоја прилика. Сакам да бидам среќен, да се оженам. Но, дури станбеното прашање не се реши, не се нафаќа никој, вели Тони.

Доколку сакате и можете да му помогнете на Тони, тоа може да го направите на телефонскиот број 070/299-704 или пак на сметката: 250019000010911. (Крај)

извор: velgosti.com/Срце на дланка фото: velgosti.com

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука