Економија Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Одмрзнати и зголемени „замрзнатите“ цени на овошјето и зеленчукот

Скопје, 11. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Македонската Влада, на денешната 146-та седница донесе Oдлука за изменување на Одлуката за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало.

Согласно одлуката се утврдува цена во висина: до 95 денари за килограм свежи домати, до 95 денари за килограм свежи краставици, до 70 денари за килограм кромид, до 100 денари за килограм свежи зелени пиперки, до 95 денари за килограм грав, до 110 денари за килограм леќа, до 75 денари за килограм банани, до 60 денари за килограм портокали, до 65 денари за килограм мандарини и до 60 денари за килограм лимони.

Министерството за економија, како предлагач на Одлуката, соопшти дека врз основа на спроведените консултации со најголемите увозници на овошје и на зеленчук во Република Македонија, како и имајки ги во предвид најновите податоци од Царинската управа, е утврдено дека увозната цена на одредени видови овошје и зеленчук е зголемена, поради претстојните празници.

Ова, како што стои во образложението на Министерството, е причината, поради којашто се предлага измена на Одлуката за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, којашто стапи на сила на 3-ти април 2023 година, а со што цените на дел од производите опфатени во оваа Одлука се зголемуваат сразмерно на зголемувањето на увозната цена за нив. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука