Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ Туризам

Започна продолжениот Велигденски викенд во Охрид, градот се полни со гости (Фото)

Охрид, 13. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Започна продолжениот Велигденски празничен викенд, кој се очекува да донесе зголемен број посетители во туристички Охрид.

Според најавите од хотелиерите, сместувачките капацитети ќе бидат солидно исполнети. Ако на ова се додаде и големиот број домашни гости, особено оние кои имаат сопствени станови во Охрид, сепак ќе имаме солидна исполнетост за најголемиот христијански празник во Охрид.

Уште од попладнево беше видно зголеменото раздвижување по охридскиот кеј, но и угостителските објекти на првата линија на брегот. На тоа придонесе и убавиот сончев ден денеска во Охрид, со температура од околу 18. степени Целзиусови.

Директорот на Националната асоцијација на туристички агенции на Србија ЈУТА, Александар Сеничиќ, неодамна истакна дека српските туристи се многу заинтересирани за патување во странство за време на претстојните велигденски и првомајски празници, а овој интерес е уште поголем отколку во годините пред Covid-19 кризата, при што српските граѓани повеќето планираат да патуваат во европските земји, но и во Охрид и Скопје.

Туристичката сезона на охридско-струшкото крајбрежје официјално почнува од 1 мај, а кон средината на месецот се очекуваат првите чартер летови со туристи од Холандија, кои и годинава ќе да бидат најбројни. Покрај холанѓаните се очекуваат чартери и од Полска, Турција, Србија и други традиционални пазари, како и воспоставување нови авио линии.

Од 1 април започнa и летниот ред на летови, кој носи нови летови и авиолинии од домашните аеродроми. Од јуни Air Serbia ќе сообраќа на релација Белград-Охрид четири пати неделно. Тука се и традиционалните дестинации до кои се лета во текот на летната сезона, Амстердам, Мастрихт, Варшава и Катовице. Според актуелниот ред на летање од охридскиот аеродром сообраќаат шест авиокомпании до девет дестинации. Нови авиолинии во државава се очекуваат со повикот за доделување субвенции, што завршува во петок 31-ви март.

Метеоролозите за викендов најавуваат променливо облачно време со можни локални врнежи од дожд. Велигден и први мај секогаш се најава за престојната туристичка сезона во Охрид. Да се надеваме дека ќе имаме успешна сезона, исполнета со бројни гости во преубавиот Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука