Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид Струга ТОП ВЕСТИ Туризам

Единаесет плажи на охридското крајбрежје летово ќе добијат шанкови од природен материјал

Охрид, 13. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – На единаесет плажи долж охридското крајбрежје ќе бидат поставени шанкови од природен материјал кои ќе зафаќаат површина од 8 до 10 метри квадратни, при што концесионерите во зависност од големината на плажите ќе можат да постават маси и столици на површина од 150 до 300 метри квадратни.

Според градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, на овој начин ќе се премости вакум периодот додека се изработи Деталниот Урбанистички План за охридското крајбрежје. Шанковите ќе се издаваат по пат на јавно наддавање, а договорите ќе бидат со траење од 3 години, но во нив ќе има член за еднострано раскинување кој ќе се искористи по донесувањето на Планот за управување, јави МРТ.

– Да потсетиме дека таа задача беше на државата, односно Агенцијата за просторно планирање, заедно со транспорт и врски и крајниот рок беше декември 2021 година. Ако чекам јас уште 5 години да има неуредени плажи, тогаш сум неодговорен градоначалник на Охрид, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

Како редакција, уште пред скоро еден месец поставивме сосема легитимно прашање за тоа дали може, и дали треба, првиот човек на Охрид, градоначалникот Пецаков ова лето да го употреби „Законот на Мерко“ за плажите?

Малку историјат, за да се потсетиме сите заедно на „најголемите хитови“ по ова прашање:

Додека во Охрид во 2021 година се уриваа објектите на плажите, во соседна Струга угостителите се подготвуваа за летната туристичка сезона.

– Ние не мислиме негативно, ние секогаш размислуваме позитивно. Секогаш велам дајте да градиме туристички капацитети, а ние како локална самоуправа им стоиме на располагање. Ние сакаме да имаме привлечен град, не само за туристи од државата, туку од целиот свет, изјави тогаш Рамиз Мерко, кој ја пополнува функцијата градоначалник на соседна Струга.

Една година подоцна, во 2022-та, во период додека Општина Охрид го чека Планот за управување со Охридсколто крајбрежје од Агенцијата за просторно планирање и остана без уредени плажи, Мерко најави дека, покрај постоечките, Струга ќе добие и нови, уредени и современи плажи, затоа што, како што изјави тогаш, „туризмот нема да трпи“, и дека мора да има плажи за туристите.

– Струшките плажи ќе бидат со шанкови, лежалки, чадори и урбана опрема. Има дополнителни места кои ќе бидат плажи. Мислам дека во целост сите плажи ќе бидат во функција за гостите кои ќе дојдат во Струга за летните одмори. Имаме направено добра понуда, изјави Мерко минатата година.

Тој додаде дека смета дека објектите на плажите не се дивоградби и дека имаат легални договори и сè што е на државно земјиште, а го користат приватни лица го наплатува општината.

– Сите се легални. Додека се договараме со централната власт како понатаму со плажите, ние мораме да ги искористиме и со нив да надополнуваме и дел од буџетот на Општина Струга, додаде Мерко.

Летото е пред нас, Супер радио и OhridPress во повеќе наврати ја следат оваа тема и веќе сосема легитимно се поставува прашањето – може ли (и дали треба), градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков ова лето да го употреби „Законот на Мерко“ за плажите?

Преседанот е направен, можеби ќе му попречи (нон ДУИ) политичката определба, но пораката мора да се прати. На едно езеро да имаме три „стопани“ од две држави, тешко дека ќе го имаме уште долго. За едниот не важат скоро никакви закони, другиот пушта излив од рудници директно во езерото од кое лови се’ што има шкрги, а од третиот се очекува да биде „со сите петки“. Таа состојба е едноставно неодржлива и некаде и некогаш состојбата мора да се реши.

Пецаков неодамна истакна дека планот за охридското крајбрежје зависи од Агенцијата за просторно планирање и иднината и не е баш сјајна на ова поле. Со ова повторно се доведува во прашање функционирањето на најпопуларните охридски плажи. Иако сме уште на почетокот на март, сепак треба да се размислува за новата летна сезона, за да не се случи како минатата година, кога дел од плажите на охридското крајбрежје останаа затворени и запуштени, за разлика од Струга, каде како да важат некои други закони.

– Според сите параметри што ги имаме и редовните состаноци со засегнатите страни, планот не би се донесол ни во наредните две години. Уште не ги имаат добиено подлогите за изработка на планот за уредување на крајбрежјети, не можам да одговорам зошто е тоа така. Меѓутоа, планот во моментов е зависен и од тоа што претставува закон за Студенчишко блато што треба да се носи во Собранието на Република Македонија. Понатаму, планот за управување и прогласување за Национален парк се зависни, а оваа проецедура е закочена во Собранието. Имаме план, но додека не го завршиме не можам да изнесам детали. Срамота е Охрид во 21 век да нема уредени плажи. (Крај)

извор: МРТ/ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука