Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ

Бочварски: Да се прашаат граѓаните на Охрид, Струга и другите градови по каква инфраструктура сакаат да патуваат

Скопје, 23. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Без квалитетни анализи кои претходат на почетокот на градбата на патните коридори ќе имаме големи проблеми и одложување на понатамошниот тек на градбата и тоа ќе има негативни влијанија врз целиот проект, истакна денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

– Заради тоа чекор по чекор, сите постапки ќе се реализираат со цел да се изградат коридорите на време, брзо и ефикасно бидејќи граѓаните повеќе немаат време за губење, истакна Бочварски.

Според него, треба да се прашаат граѓаните на Прилеп, Битола, Тетово, Гостивар, Кичево, Струга и Охрид по каква инфраструктура сакаат да патуваат и дали таа инфраструктура треба да ја очекуваат во следните петнаесет години или таа треба да се направи час поскоро.

– Досега не се исплатени средства кон компанијата. Првата исплата на средства би била авансот за отпочнување на градежните работи и секој исплатен денар кој ќе биде од страна на државата и Владата кон Јавното претпријатие за државни патишта, а потоа и кон изведувачот ќе биде објавен на сајтот на Јавни финасии, рече Бочварски.

На новинарско прашање за измените на Законот за градење, Бочварски повтори дека ова е нова постапка и нов систем на градење, каде најпрво ќе се одобри урбанистичкиот проект кој ќе ја утврди трасата по кој ќе почне постапка на експропријација на земјиштето.

– Бидејќи овој проект предвидува фазно градење и проектирање поединечни делови од една делница тоа значи дека не може државата да издава десет пати одобренија за градење за една иста делница. И токму поради тоа во однос на основниот проект со ревизија ќе биде запазена процедурата, кој ќе биде доставен, технички исправен, потврден од страна на инженери статичари. Во делот на механичката отпорност и стабилност исто така ќе биде потврден целиот проект. Но, целиот проект предвидува фазно градење и заради тоа во законските измени се предвидува нов модел кој ќе предвиди побрза градба, изјави министерот за транспорт и врски.

Според Бочварски, сите се заинтересирани за забрзано градење на коридорите. Изрази надеж дека сите политички партии ќе дадат придонес во насока на забрзување на процесот на градење со што час поскоро, како што рече, ќе добиеме изградена модерна инфраструктура која ќе придонесе и за повеќе економија и за безбедност во сообраќајот. (Крај)

извор: Слободен печат фото: Слободен печат

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука