ЕКОЛОГИЈА Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Колку за размислување: Кафе бар на Миконос ќе плати казна од 33 милиони евра, изградиле дивоградба на плажа од 500 м2

Панормос/Охрид, 24. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Комплетната казна изречена на познат кафе бар, лоциран на плажа во регионот Панормос на островот Миконос достигна неверојатни 33 милиони евра.

Од нив, 22,5 милиони евра се казна за изградба на објекти без дозвола, а дополнителни 11 милиони евра за нивно одржување. За секоја година што поминала, а сопствениците не ги отстраниле нелегалните објекти, класифицирани како дивоградби, до оваа година ќе треба да платат казна од 11 милиони евра, јави ekathimerini.com.

Сопственикот сега има право на жалба во рок од 10 дена. Откако ќе биде финализиран процесот, законот дозволува и комплетно затворање на компанијата, доколку сопственикот не пристапи кон уривање на дивоградбите/неовластени објекти. Според инспекторите површините што треба да се урнат надминуваат 500 метри квадратни.

За потсетување, од архивата на OhridPress:

Во 2015 година на албанскиот дел од Охридското Езеро беа отстранетие вкупно 22 објекти, со најава дека целиот брег од Тушемиште до Лин ќе биде оплеменет само со зеленило.

Целиот процес беше дел од проектот „Рехабилитација на животната средина на Охридското Езеро и зеленилото Поградец – Лин“ со вкупен буџет од 7.000.000 долари. Беа срушени сите дивоградби, згради и мостови на брегот на езерото.

Отстранувањето на дивоградбите кои имаа негативно влијание на биодиверзитетот на Охридското Езеро дојде по влегувањето на албанската страна под заштита на УНЕСКО.

Каде сме ние?

Секоја сличност со состојбите кај нас е исклучена.

Ние забораваме да ги спомнеме дивоградбите во извештаите до УНЕСКО, си ја префрламе топката кој е крив додека градењето продолжува и се интензивира, гледаме само со едно око додека завршат со градба „нашите“, им се умилкуваме на локалните тајкуни за да ни фрлат „коска“, немо проследивме како поранешен премиер се залага да се легализира дивоградба, неми сме и за она што се случува во соседна Струга…

Немите за жал најчесто на крај ги нема… (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ekathimerini.com

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука