Забава Избор ТОП ВЕСТИ

Зоран Кесиќ вечерва со „Приказни и песни“ во Македонска Филхармонија во Скопје

Скопје, 24. април 2023 (ОХРИДПРЕС) – Зоран Кесиќ за прв пат во живо вечерва доаѓа пред скопската публика со неговото неверојатно шоу „Приказни и песни“ во Македонска Филхармонија.

По 6 години и повеќе од 50 настапи на 3 континенти овој хумористично-сатирично-музичко-политичко-едукативен спектакл доаѓа во Скопје. Во целовечерната изведба тој разговара и пее за безброј разновидни теми од политика до медитација. Секоја е обоена според местото на изведбата, моменталниот амбиент и моменталното расположение на изведувачот, и секој е единствен настан кој во таа форма ќе се случи тогаш и никогаш повеќе.

Зоран Кесиќ е српски комичар, политички коментатор, новинар, еден од најпопуларните, ако не и најпопуларниот ТВ водител во целиот регион. Тој е автор на популарните хумористични емисии „Озбиљне вести“, „Дезинформатор“, „Фајронт република“ и на политичката сатира и воедно најгледаната забавна емисија во Србија „24 минути“. „24 минути“ е една од ретките политички сатири што можете да ги видите на телевизија, кои се занимаваат со дневните настани во регионот.

Во едно интервју од пред две години, тој откри дека ја сака Македонија и дека заедно со семејство често летувал во Охрид и Струга.

– Дали Охридското Езеро е се’ уште толку големо и не му се гледа крајот? А плачев како мал што наместо на море, родителите ме водеа таму, на некое езеро. А после 5 години, плачев кога сакаа да ме носат на море. Зошто на море кога го имаме Охрид? Зошто бев толку голема кукавица и не скокнав од мостот во Струга во реката Дрим, а сите ме храбреа? Сонував ли дека седиме со родителите со некои непознати луѓе во едно мало село Лабуништа и јадевме најслатка лубеница? Слушавме некои убави песни, истакна Кесиќ во емисијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Nova S

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука