Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Лекарската комора во Охрид одбележа 31 година постоење, доделени признанија за доктори, клиники и најдобри студенти

Охрид, 5. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Лекарската комора на Република Македонија, денеска во црквата „Света Софија“ во Охрид одбележа 31 година постоење, а на свеченоста беа врачени дипломи и признанија на доктори, на најдобрите студенти по медицина, како и на клиники и болници.

Највисокото признание што го доделува Комората, плакета „Св. Наум Охридски“ ја доби д-р Драган Милевски од Делчево со 26-годишно искуство. Посебна награда „Примариус д-р Димитар Ивановски“ за тројцата студенти по медицина со највисок просек од трите медицински факултети годинава ја добија Леонид Рене Томас Караџинов – Медицински факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј – Скопје, Кристијан Живков – Факултет за медицински науки, Универзитет Гоце Делчев Штип и Блинера Баланца – Факултет за медицински науки, Државен универзитет Тетово. Признанието за најдобар труд го добија д-р Антонела Љубиќ, д-р Владимир Трајковски, д-р Галина Димитрова и д-р Бранислав Станковиќ за трудот „Down синдром – рефрактивен развој”.

На настанот беа врачени и благодарници за особен придонес во развојот на трансплантацијата и органоодарителството на доктори од Клиника за нефрологија, Клиника за урологија, Клиника за кардиологија, Клиника за кардиохирургија, Клиника за гастроентерохепатологија, Клиника за дигестивна хирургија, Клиника за ортопедија, Клиника за хематологија, Македонски дарителски регистар, Клиника за неврохирургија, Институт за транфузиона медицина, приватните болници „Систина“ и „Филип Втори“ и Клиниката за реанимација и интензивно лекување.

Во име на добитниците на признанието се обрати националната координаторка д-р Maja Мојсова Мијоска, а свое обраќање имаше и заменик министерката за здравство Маја Манолева.

– Комората е отворена за секој лекар кој се соочува со некој предизвик, за секој лекар кој има идеја, да дејствуваме заеднички и организирано во рамките на нашите надлежности, бидејќи тоа е единствениот начин за реализација на нашите цели. Би сакала да потенцирам и дека јас како претседател и Комората како организација секогаш сме тука за да ги заштитиме лекарите, но мора да сме свесни дека таа заштита не може да биде безусловна, затоа што така се прави штета на сите нас. Условот кој е поставен и на кој се инсистира е професионално и стручно работење со доследна примена на сите етички норми и правила на однесување, истакна проф. д-р Калина Гривчева Стаределова, претседателка на Комората.

Доц. д-р Беким Исмаили, потпретседател на Комората, потенцираше дека со одбележување на денот на основањето на Комората се потсетуваме на сите доктори кои го трасираат патот во нејзиниот развој.

– Ветуваме дека ќе го продолжиме нивниот пат и ќе бидеме сервис на нашите колеги за добра благосостојба на лекарската фела. Исто така, ви се заблагодаруваме на вас колеги за вашата посветеност на работа при грижата за здравјето на нашите пациенти. Вие сте столбот на Комората и овој ден е наменет за вас, истакна доц. д-р Исмаили. (Крај)

извор: мкд.мк фото: мкд.мк

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука