Избор Спорт ТОП ВЕСТИ

Седум медали за таекводистите на МТТФ на „Софија опен“, Елена Јанеска најдобра јуниорка на турнирот

Охрид, 6. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Македонската традиционална таеквондо федерација се врати со седум медали и Пехар за најдобра јуниорка од еден од најсилните и најпрестижни натпревари за оваа пролетна сезона, Меѓународниот таеквондо ИТФ А класа натпревар „Софија Опен 2023“, во соседна Бугарија.

МТТФ учествуваше со две официјални лица и шест натпреварувачи кои се натпреваруваа во 2 дисциплини , форми (борба со замислен противник) и спаринг борби.

Натпреварувачите беа од клубовите „Сонкал“ Мислешево, Струга, „Мастер“ Охрид и ХВА РАНГ ИТФ Лескоец, Охрид.

Присуството на еден ваков врвен натпревар не може да се опише, секој натпреварувач се бори за место во својата репрезентација и го дава својот максимум, вели првиот човек на федерацијата Марјанчо Лазаревски.

– Нашите теквондисти повторно направија да се гордееме со нив, освојувајќи 7 медали, од кои 1 златен, 2 сребрени , 4 бронзени и пехар за најдобра јуниорка 16-17 години за Елена Јанеска. За клубот „Сонкал“ се натпреваруваше нивниот тренер Давид Крстески , освојувајќи два бронзени медали. За „Мастер“ се натпреваруваа двајца натпреварувачи Владимир Димитриевиќ и Теодора Митреска освојувајќи еден сребрен медал. За ХВА РАНГ ИТФ се натпреваруваа Елена Јанеска, Христијана Парулеска и Климент Богоески, освојувајќи 1 златен, 2 сребрени,1 бронзен и пехар за Елена Јанеска за најдобар поединец. За вакви спортисти вреди, треба и мора да се бориме, да им овозможиме да се искачат на светскиот пиедестал. Голема благодарност до генералниот спонзор „ПН Метал“, вели Лазаревски.

Тој, за 24-ти јуни го најави Меѓународниот таеквон-до ИТФ натпревар „Охрид Опен 2023″, во организација на таеквон-до клуб ХВА РАНГ ИТФ Лескоец Охрид, што ќе се одржи во СРЦ „Билјанини извори“. Подготовките се во тек, а веќе се најавени учесници, од БиХ, Србија, Чешка, Албанија, Грција и Бугарија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука