Избор Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Охриѓани го слават светиот свештеномаченик Еразмо Охридски Чудотворец

Охрид, 14. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со богослужба во манастирот посветен на овој наш голем светител, православните христијани од Охрид и околината, денеска и утре го слават светиот свештеномаченик Еразмо Охридски Чудотворец.

Споменот на светиот Еразмо Охридскиот Чудотворец, кој се покажа храбар страдалник и секогаш брз послушник во молитвите на оние кои со вера го повикуваат, и оваа година торжествено се прославува во манастирот „Св. Еразмо Охридски“ во Охрид, на местото каде тој уште многу одамна дојде да ја проповеда вистинската Светлина на луѓето од овие простори. Неговиот спомен, и по повеќе од 17 века не е заборавен и нема да се заборави, зашто Христос му сплете двоен венец на мачеништвото и страдањето.

Од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, односно Дебарско-кичевската епархија Охрид, ги известуваат верниците за богослужбите во манастирот посветен на овој голем светител.

– Во среда, на 14-ти јуни 2023 година, со почеток во 19:00 часот ќе биде отслужена Празнична вечерна богослужба. Во четврток, на 15-ти јуни 2023 година, во 07:45 часот ќе започне Утрената богослужба, а пречекот на Митрополитот Плаошко-струшки н Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски ќе биде во 09:00 часот. Светата архиерејска Литургија ќе започне во 09:15 часот, информираат од Дебарско-кичевската епархија.

Додаваат дека, имајќи предвид дека патот од Охрид до манастирот „Св. Еразмо Охридски“ во моментов е во прекин поради изведување градежни работи, а во консултација со надлежните служби, приодот до манастирот оваа година ќе се одвива по стариот пат за Струга преку Подмоље, па кон манастирот.

– Се надеваме на Ваше разбирање и Ве повикуваме за молитвено присуство на богослужбите по повод прославата на нашиот голем заштитник и молител пред Бога, светиот Еразмо Охридски Чудотворец, потенцираат од епархијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука