Забава Избор ТОП ВЕСТИ

Членовите на студиото за танц „Соната“ се враќаат на сцена, утревечер одржуваат годишен концерт

Охрид, 14. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – После четири години, членовите на студиото за танц „Соната“ од Охрид се враќаат онаму каде што припаѓаат – на сцена.

– Утре, 15-ти јуни го организираат годишниот концерт на кој ќе се претстават сите оние кои изминатиов период напорно работеа и навлегуваа во тајните на класичниот балет, современиот танц, латино танците и хипхопот. Тоа се оние кои изминатиов период тивко, но во исто време гордо го претставуваа Охрид на меѓународни натпревари и секогаш се закитуваа со медали, велат од „Соната“.

На малата сцена при Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе се организираат два концерти. Претпремиерата е закажана за 18:00 часот, а премиерата од 20:00 часот.

– Билетите ќе бидат достапни денес, 14-ти јуни и ќе можат да се набават во просториите на студиото за танц „Соната“ што се наоѓа кај старата автобуска станица, веднаш до дирекцијата на „Ремис“, во периодот од 19:00 до 21:00 часот. Билет за две лица за претпремиера чини 300 денари и истиот е наменет за едно полнолетно и едно малолетно лице или за две малолетни лица. Билет за едно лице за премиера чини 250 денари. Секој билет овозможува попуст од 2.000 денари за упис во периодот од 25-ти јуни до 5-ти септември 2023 година. Бројот на билети е ограничен и истите се нумерирани со ред и седиште и се однесуваат единствено за означеното место. Дополнителни информации можете да добиете на 078/362-484, додаваат од студиото за танц.

Во пресрет на следната танцова сезона која започнува од 1-ви септември, а во која од „Соната“ најавуваат многу патувања, натпревари и концерти ги покануваат сите оние кои сакаат да уживаат во една уникатна мултимедијална претстава која изобилува со неверојатни светлосни ефекти, филм, музика и секако – танц. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука