Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Рустеми: Надминати се сите проблеми на трасата, изведувачот на автопатот Кичево-Охрид има чист терен за работа

Охрид, 17. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Јавното претпријатие за државни патишта ги надмина сите проблеми на трасата, се репроектираа 72 нови проекти, нови клучки, нови пристапни патишта и завршени се преку 3.500 експропријации и сега Изведувачот има чист терен за работа, порача вчера од Охрид директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.

– Сакавме и лично да се увериме во започнатото асфалтирање кај Подмоље на делот од автопатот Кичево-Охрид и уште еднаш да побараме од изведувачот да ги заврши работите во предвидениот рок. Сега кога е отворена цела траса правиме сериозни напори за поголема динамика за работа, за поголеми активности на трасата и очекуваме до 10-ти јули да завршиме со изградба на делницата од Подмоље до Охрид и да ги пуштиме во употреба за сообраќај двете ленти. Сега сме во постапка за набавка и на заштитна ограда која ќе се монтира веднаш по завршување на асфалтерските работи, изјави директорот Рустеми.

Тој потенцираше дека градежните компании кои работат на сите наши патишта зависат од доброто време и од условите за работа.

– Ударна сезона за градење е пролет-лето-есен, а дождливата пролет, како оваа, претставува проблем и ги успорува градежните активности затоа што најголемиот дел од нив се одвиваат само на суво време. Сакаме обновени и рехабилитирани патишта насекаде низ државата, а уште повеќе низ нашите познати туристички места, истакна Рустеми.

За време на вчерашната посета на Охрид, министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија Благој Бочварски истакна дека гледа силна градежна офанзива пред Охрид.

– Очекуваме до 10-ти јули да завршат градежните активности во овој дел од Подмоље до Охрид и потоа да започнеме со последната фаза за поставување на еластични огради и одобрување на времениот режим, порача

Автопатската делница Кичево-Охрид е дел од Коридорот 8 во должина од 57 километри и инвестиција од 598 милиони евра. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука