Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Инвентаризација на пештери во Националниот парк „Галичица“

Охрид, 19. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Продолжува инвентаризацијата на пештерите во заштитеното подрачје Нaционален парк „Галичица“.

Активностите се во рамки на проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“, поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.

Инвентаризацијата е значајна алатка за утврдување на бројот на пештери во заштитеното подрачје НП „Галичица“ и нивните спелеолошки одлики, за евидентирање на видовите кои живеат во нив и нивната бројност. Преку инвентаризацијата се утврдува состојбата, зачуваноста и значењето на пештерските екосистеми.

Експертски тим од истражувачкото друштво „Урсус спелеос“ – Скопје спроведува спелеолошки и биоспелеолошки испитувања во пештерите на Галичица. Главната цел на ова истражување е споделување научни факти со локалното население и со пошироката јавност за значењето на пештерските екосистеми и нивното зачувување.

Проектот „Заштита на пештерските екосистеми и загрозените растителни и животински видови во Националниот парк Галичица од негативните ефекти на климатските промени“ го спроведуваат Црвен крст Охрид и истражувачко друштво „Урсус спелеос“ – Скопје, во соработка со НП „Галичица“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука