Избор Македонија ТОП ВЕСТИ

Рок до 27-ми јуни за поголеми плати или вработените во УЈП најавуваат генерален штрајк

Скопје, 20. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Доколку до 27-ми јуни вработените во Управата за јавни приходи не го добијат бараното покачување на платите за 30 отсто, ќе следува генерален штрајк, што ќе значи дека сите исплати во државата ќе бидат блокирани.

– Постапките за организација на генералниот штрајк се во тек, понудено е помирување преку Министерството за труд и социјална политика согласно регулатива и предложен помирувач, а претходно е известен работодавачот, вели Васе Недановски од синдикатот на УЈП додавајќи дека рокот за помирување зависи од Министерството.

Од синдикатот на УЈП велат дека доколку не се изнајде решение и дојде до генерален штрајк тоа нема да биде по нивна вина.

– Доколку не се договориме, ставот на вработените е да се спроведе генерален штрајк. Тоа е нешто што за жал ако дојде ќе биде не по наша вина бидејќи сите наши аргументи, мислења и докази не се земени предвид. Ние не сакаме да дојдеме до резултат врз основа на нешто што ќе се случи и ќе предизвика поголеми последици. УЈП е една стожерна институција, ќе се наруши исплата на плати, пензии и други исплати, ќе се блокира бизнис-секторот, повратот на данок, вадењето уверенија и други потребни документи. Тоа е момент што ние не го посакуваме, меѓутоа вработените се револтирани. Очигледно е дека не се сака да се седне, додава Недановски. (Крај)

извор: ТВ 24 фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука