Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Промоција на сликовницата „Ѕуница“ од Бранислав Николов и Иванка НиБа во кафе бар Shilla

Охрид, 25. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во кафе бар Shilla во Охрид, денеска од 16:30 часот ќе се одржи промоција на сликовницата „Ѕуница“ од Бранислав Николов и Иванка НиБа.

Промотор на промоцијата и работилницата ќе биде Викторија Степановска.

„Ѕуница“ е раскажана во стихови, започнува во зима, отсликувајќи ја целосно својата природа – ладна, еднобојна, некогаш забавна, но кога трае предолго е дури и монотона; завршува во пролет, кога ќе се разбуди сонцето и ќе ја открие сета убавина и експлозија од бои и емоции кои се криеле под белината на снегот и тешките облаци.

Интерактивно смислениот дизајн и илустрации се вклопуваат слеано во содржината на текстот, но и игриво и досетливо ги вметнуваат боите и веселото расположение од цртеж со валер и богата текстура во колоризирана илустрација. Илустрацијата го следи концептот на текстот кој влегува во белина и монохроматски тонови, се провлекува суптилно со една до две бои за крајот и експанзијата да ги даде во богатство и пролет со хармонија од бои и внимателно организирана и конципирана колоритна композиција. Дизајнот на целата сликовница е симплифициран и минимизиран, па полесно може да се дојде до чистотата на емоциите и ситуациите кои се претставуваат.

Симбиозата меѓу авторот Николов и илустраторката НиБа е беспрекорна, а заедно имаат создадено едно безвременско дело со тематика и проблематика кои се, исто така, безвременски. (Крај)

извор: ОхридПрес/умно.мк фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука