Избор Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Охриѓани и оваа година масовно го одбележуваат празникот на Свети Наум Охридски Чудотворец

Охрид, 2. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Бројни православни верници и годинава, во прекрасниот манастирски комплекс „Свети Наум“ на брегот на Охридското Езеро, достојно го прославуваат празникот посветен на Свети Наум Охридски Чудотворец.

Богослужбата ќе започне вечерва во 19:00 часот, а со неа ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј. Во манастирот утре ќе се служи и света архиерејска литургија со почеток од девет часот, на која ќе чиноначалствува владиката Тимотеј.

Православните христијани денес и утре го слават денот посветен на големиот светец Свети Наум Охридски Чудотворец, за кого меѓу народот има многу преданија и легенди. Кога се слават деновите посветени на овој голем светец, во Свети Наум доаѓа народ од секаде и сите носат по нешто.

Свети Наум Охридски Чудотворец (роден 830, починал на 23-ти декември 910) бил средновековен научник, писател, учител и еден од основоположниците на словенската и македонската писменост и просвета. Потекнувал од богати и побожни родители, а поради љубовта кон христијанството, тој се откажал од наследството и се замонашил. Тој бил најмладиот ученик на светите Кирил и Методиј. Со нив, учествувал во Моравската мисија, а го ширел христијанството и во Панонија, Девол, Илирик и други краишта. По завршувањето на Моравската мисија, заминал во Велики Преслав, а оттука во Охрид, каде му се приклучил на Св. Климент во работата на Охридската книжевна школа.

Св. Наум бил еден од основачите на Преславската книжевна школа, каде работел како учител од 886 до 893 година. Како еден од најдаровитите ученици на браќата Кирил и Методиј, во 893 година, кога Климент бил назначен за словенски епископ во Велика, на неговото учителско место во Кутмичевица бил назначен Св. Наум Охридски, кој раководел со Охридската школа во текот на седум години, а во 900 година се повлекол во манастирот посветен на Св. архангел Михаил. Во манастирот, св. Наум собрал големо монашко братство. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Ламбевски Танче

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука