Избор Спорт ТОП ВЕСТИ

Три златни медали за Јован Стојоски на Национално атлетско првенство

Охрид, 11. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Тројно злато за атлетичарот на АК „Охрид“, Јован Стојоски на Национално првенство за сениори што викендов се одржа во Скопје.

Тој е македонски национален шампион во дисциплините 100, 200 и 400 метри.

Јован Стојоски како член на АК „Охрид“ и како дел од македонската репрезентација има учествувано на бројни атлетски митинзи, на трки во сала и на отворено, Купови, Балкански Европски и Светски првенства и е носител на неколку државни рекорди.

Во февруари лани собори македонскиот државен рекорд стар 35 години во дисциплината 400 метри во сала, на атлетскиот митинг во Будимпешта. Стојоски истрча за време од 47,18 секунди, со што успеа да го надмине својот поранешен тренер Исмаил Мачев кој на истиот митинг во 1987 година истрча за време од 47,49 секунди и три и пол децении го држеше државниот рекорд во оваа дисциплина.

Јован Стојоски денес трча 400 метри на Мундијалот во Доха

Лани постави и нов државен рекорд на 100 метри, на 26-от Меѓународен атлетски митинг во Бар, Црна Гора патеката ја истрча за 10.59 секунди, со што го сруши претходниот национален рекорд 10.61 секунди, а за 11 стотинки го подобри и својот личен рекорд.

Во 2021 година ја претставуваше Македонија на Летните Олимписки Игри во Токио, во дисциплината 400 метри.

Неодамна, како дел од македонската репрезентација, учествуваше на Европското екипно првенство во Силесиа, Полска, каде заврши петти на трката на 400 метри (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука