Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Пожар во битолскиот затвор, притворениците евакуирани и префрлени во Охрид и Шутка

Битола/Охрид, 11. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Попладнево избил пожар во затворот во Битола. Пожарот се појавил во една келија и првичните претпоставки се дека е подметнат од еден од затворените притвореници иако истрагата треба да покаже како избувнал огнот, јави Тв Телма.

Затворските чувари веднаш ги евакуирале лицата кои издржувале казни или се во притвор и почнале да го гаснат пожарот. Набргу пристигнале и битолските пожарникари, по што огнот бил ставен под контрола и изгаснат.

Неколку чувари биле префрлени во битолскиот Клинички центар поради вдишување чад, но немаат посериозни последици, дознава Телма од болнички извори. Нема други повредени лица.

Поради пожарот, била исклучена и струјата во поголемиот дел од затворот. Притвореници кои ја издржуваат судски изречената мерка-притвор се префрлаат во другите затвори со притворски одделенија, односно во затворите во Охрид и во Скопје (Шутка).

Затворот во Битола беше реновиран за да се обезбедат и подобри услови за затворениците и притворениците, а тогаш беше модернизирана и противпожарната заштита во него. (Крај)

извор: Тв Телма фото: Тв Телма

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука