Избор Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Свети апостол Петар – Петровден

Охрид, 12. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го слават споменот на светиот апостол Петар, со кој се одбележува завршувањето на повеќедневните пости.

Празникот е познат кај народот како Петровден. Со овој празник завршува еден од четирите повеќедневни пости во годината кој е врзан за празникот на Апостолите. Денес црквата ги слави двајцата врховни апостоли Петар и Павле. Инаку тие, како и сите останати апостоли, имаат свои посебни празници во текот на богослужбеното годишно време.

По примањето на Светиот Дух апостолите се растуриле по светот за да ја проповедаат светата Христова вера. На тој план меѓу нив најповеќе се истакнале светите апостоли Петар и Павле. На иконата тие се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт.

Апостолот Петар се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној кој најмогу се потрудил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос.

Петровден се одбележува секоја година на 12-ти јули. Се смета за еден од најголемите празници по Велигден. Еден од најзначајните настани на Петровден е почетокот на традиционалната Галичка свадба. (Крај)

извор: МПЦ-ОА фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука