Избор Култура Македонија ТОП ВЕСТИ

По 6 дена натпреварувачка театарска игра, во Ресен, заврши Меѓународниот театарски фестивал „Актерот на Европа 2023“

Ресен, 12. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Синоќа, пред зградата на Сарајот Ресен, свечено беа доделени наградите на најуспешните изведби, на актери и групи од различни европски земји, од годинешниот Меѓународен театарски фестивал „Актерот на Европа 2023“.

Меѓународната жири комисија, во состав: Мето Јовановски, претседател, Назиф Услу (режисер од Турција), Елена Трајковска, актерка и Атила Клинче, актер и универзитетски професор донесе едногласна одлука: Наградата „Млада Европа“ се доделува на меѓународниот проект под покровителство на УНЕСКО – „Среќата е нова идеја во Европа“ со учество на млади актери од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Македонија.

Наградата „Жак Лакариер“ се доделува на Кане Кампман и Брајан Мајкалс од Германија за претставата „Разоткривање на минатото-Комуникација во и за Холокаустот“.

Наградата за најдобар драмски текст се доделува на Гоце Ристовски за дуодрамата „9“.

Наградата „Преспански Дионис“ се доделува на Наташа Петровиќ од Србија, за претставата „Чучук Стана“ на Народниот театар на Тимочка Краина „Зоран Радмиловиќ“ од Заечар.

Награда за најдобра претстава во целина се доделува на претставата „Во името на таткото“ во продукција на „Арт театар“ од Цирих, Швајцарија, со актерот Даут Ахмети, на текст од Ридван Дибра, во Режија Сулејман Рушити.

Годишната наградата „Актер на Европа“ за 2023 година се доделува на Слободан Маруновиќ, Црна Гора, за улогата во претставата „Последниот час на Његош“, работена по текст на Слободан Томовиќ, а во режија на Благота Ераковиќ, проект на „Народниот театар“ од Подгорица.

Фестивалот беше свечено отворен на 6-ти јули со врачување на наградата за животно дело „Актер на Европа“ на легендарната унгарска актерка Енико Есењи. (Kрaj)

извор: Веле Митаноски фото: Веле Митаноски

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука