Здравје Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Од денес важат владините мерки и препораки за заштита на граѓаните од високите температури

Скопје, 13. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од денес до недела важат владините препораки за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.

Согласно усвоеното на последната седница, Владата препорачува:

• Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години;
• Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
• Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници, a
• Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Согласно добиените информации, Владата одлучи:

• Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките;
• Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
• Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници;
• Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 07:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот.
Владата одлучи овие мерки да бидат со времетраење од четири дена, од 13-ти до 16-ти јули, односно во текот на следните два работни дена, четврток и петок, како и за двата дена од претстојниот викенд, сабота и недела, до натамошно одлучување.

Од македонската Влада информираа дека заедно со надлежните органи постојано ја следат состојбата поврзана со временските температури, со цел навремено преземање соодветни мерки за заштита на граѓаните. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука