Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Вечерва ќе биде отворена изложба на дела од Владимир Георгиевски во Куќата на Робевци

Охрид, 15. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во Куќата на Робевци, вечерва од 20:00 часот ќе биде отворена изложба на дела од еден од најзначајните македонски ликовни уметници – Владимир Георгиевски (1942-2017).

Владимир Георгиевски е роден во Скопје, на 1. јуни 1942. Во 1963 матурирал во Училиштето за примена уметност во Скопје. Истата година ги започнал студиите на Ликовната академија во Белград, каде и дипломирал во 1968. Постдипломски студии завршил на истата академија, во класата на професор Младен Србиновиќ. По враќањето од Белград во 1972, го раководел уметничкиот оддел при Младинскиот културен центар (тогашен Дом на млади „25 мај“). Помеѓу 1980 и 2012 беше професор по цртање, сликање и пластично обликување на Факултетот за архитектруа во Скопје. Една деценија во 1990-тите, предаваше и естетика на простор, историја на модерна уметност, како и сценографија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Беше професор и на Факултетот за аудио-визуелни уметности во Скопје.

Неговите сценографски и костимографски решенија беа дел од многубројни театарски претстави и неколку домашни играни филмови. Добитник е на највисока државна награда за животно остварување во областа на уметноста и културата. Неколку пати е наградуван и за неговата работа во театар. Негово дело, портрет на Ф.М. Достоевски, рељеф, е поставено во Музејот на Ф.М. Достоевски во Санкт-Петерзбург во ноември 2012.

Почина во родниот град, на 25-ти мај 2017. Негови дела се наоѓаат во приватни збирки во Македонија и надвор од неа. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука