Економија Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Потпишан Меморандум за соработка и договори за неповратно финансирање на услуги за реконструкција на системот за отпадни води на Охридското Езеро

Скопје/Охрид, 14. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во присуство на амбасадорот на Шпанија во Република Македонија Хозе Луис Лозано Гарсија, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, директорот на ЈП „Колекторски систем“ од Скопје Владимир Алексијоски и директорот на шпанската компанија ИДОМ консалтинг, инженерство и архитектура, Хавиер Фернандез, се потпиша Меморандумот за соработка и договори за неповратно финансирање на консултантски и инженерски услуги за реконструкција на системот за одведување и пречистување на отпадните води на Охридското Езеро.

Со тоа се официјализираше поддршката на Шпанската Влада на нашата држава во делот на управување со води, односно заштита на Охридското Езеро и од аспект на УНЕСКО заштитено подрачје со уникатни културни и природни вредности и како значаен воден еко-систем што треба да се зачува за идните генерации.

– Проектот се реализира како техничка помош, а целокупната техничка документација ќе биде подготвена во рок од 10 месеци. Министерката Шукова се заблагодари за поддршката што Шпанија и ја дава на нашата држава кон исполнување на европските стандарди на патот кон нејзиното полноправно членство во Унијата, а амбасадорот Гарсија најави продолжување на поддршката и во други области, потенцираат од Министерство за животна средина и просторно планирање на Република Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука