Забава Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Бобан Мирковски со одбрани хитови од 60-тите години па се’ до 2000 на 5-ти август на Долни Сарај

Охрид, 16. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Пијанистот Бобан Мирковски со Агни Авшар и Ања Митиќ како специјални гости, ќе одржат концерт на 5-ти август на Долни Сарај со почеток во 22:30 часот.

Ќе се претстават со познати македонски хитови кои датираат од 60-тите години па се’ до 2000, меѓу кои и „Gipsy song“, „Чија си“, „Морска ѕвездо“, „Летај галебе“ и многу други.

Бобан Мирковски е син на докажаниот музичар, композитор и диригент Љупчо Мирковски и најмладиот потомок на музичката лоза на Благој Петров- Караѓуле. Музичките гени во него „проработеле“ кога имал пет години. Иако е класичен пијанист, растел со македонската забавна музика, која се издвојува како посебен, автентичен музички жанр. Токму поради тоа, сакал да направи нешто ново на нашата сцена – преработка на дел од многуте хитови од 60-те години па сѐ до раните 2000-ти, во инструментална верзија за соло пијано.

Rоден e во 1991 година во Скопје. Основното и средното образование го завршува во МБУЦ „Илија Николовски -Луј“ во класата на проф. Даница Стојанова. Дипломира во 2013 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Симон Трпчески, а во 2015 година ги завршува пост-дипломските студии на ФМУ Скопје во класата на проф. Александар Сердар (Р. Србија). Посетува мајсторски курсеви кај Во своето образование има посетувано и неколку меѓународни семинари кај еминентни уметници како Ж. Захариева, Ј. Михајловиќ, Ф. Турисини, А. Леимони, Б. Романов и др. Има остварено голем број концерти во Македонија и странство и има освоено награди на голем број домашни и меѓународни натпревари како две први награди и лауреат на натпреварот „Арс Косова“ во Приштина, прва награда на натпреварот „Даворин Јенко“ во Белград, трета награда и награда за највиртуозен изведувач на натпреварот „Музиката и земјата“ во Софија. Настапува како солист со македонската Филхармонија, а со музички рецитаи настапува во Сан Даниеле (Италија, Босковице (Чешка), Вашингтон (САД) како и на концерти во градовите низ Република Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука