Избор Локална самоуправа

Градоначалникот Пецаков се сретна со полскиот амбасадор Кшиштоф Гжелчик

Охрид, 21. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков денеска, оствари протоколарна средба со полскиот амбасадор Кшиштоф Гжелчик.

– На средбата беше разговарано за унапредување на меѓусебната соработка во сферата на туризмот. Градоначалникот го информираше амбасадорот дека благодарение на двете сезонски авиолинии од Варшава и Катовице кон Охрид, значително е зголемен бројот на полските туристи во градот во текот на летната сезона. Двајцата соговорници се согласија дека се потребни повеќе активности за поголема промоција на туристичките потенцијали на Охрид на полскиот туристички пазар, информираат од Општина Охрид.

Додаваат дека тема на средбата била и соработката на полето на културата, особено во креирање на програмата на реномираниот фестивал „Охридско Лето“, во чии рамки годинава, на 22-ти јули ќе биде организирана „Полска вечер“ на која ќе настапат музичките уметници Емилија Гох Салвадор и Емануел Салвадор.

Исто така градоначалникот и амбасадорот разговараа и за потенцијалните можности за соработка помеѓу Охрид и одредени полски општини, со цел реализирање на заеднички проекти преку фондовите од Европската Унија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука