Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Владата ги продолжи мерките и препораките за заштита од високите температури, на сила денеска и утре

Скопје, 26. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија ја разгледа Информацијата од Министерството за здравство за високите температури и усвои соодветни мерки и препораки со важност за следните два дена, а со цел намалување на ризиците од високите температури согласно Акцискиот план.

Мерките и препораките се однесуваат за денеска, среда 26-ти и утре, четврток, 27-ми јули 2023 година.

Согласно усвоеното, Владата препорачува:

• Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години;

• Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;

• Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници;

• Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Согласно добиените информации, Владата донесе заклучоци:

• Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките;

• Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;

• Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници;

• Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 07:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот.

Од охридскиот Центар за јавно здравје неодамна излегоа со посебни препораки, во насока на заштита на граѓаните од топлотниот бран и високите температури кои го зафатија нашиот регион.

– За време на топлотен бран избегнувајте, колку што е можно, излегување во надворешна средина во периодот од 10:00-17:00часот. Неопходните работи завршувајте ги пред 10:00 часот или после 17:00 часот.
– За време на топлотен бран во периодот од 10:00-17:00 часот, да се избегнуваат напорни физички активности, вклучувајќи спорт и рекреативни активности.
– Останете, колку што е можно, во затворени климатизирани простории (обичните вентилатори не помагаат кога температурата е над 35 степени Целзиусови). Затворете ги прозорците и ролетните во тек на денот, отворете ги навечер кога температурата е пониска.
-При неопходен престој на отворен простор, избегнувајте директна изложеност на сонце, најдете можности за почести одмори под сенка.
– Носете светла и лесна облека (светлите бои, во извесна мера ја одбиваат светлината) од природни такенини (памучни, ленени), ставете заштитни очила и капа.
– Внесувајте големо количество на течност (не чекајте да бидете жедни), почнувајќи од обичната вода за пиење, па сî до минерализирани безалкохолни пијалоци. Избегнувајте алкохолни пијалоци и пијалоци кои содржат кофеин, како и екстремно студени пијалоци.
– Внесувајте помало количество на храна. Избегнувајте мрсна и високо-калорична храна и храна која содржи поголемо количество шеќер.
– Туширајте се со студена вода повеќе пати во денот (или ставете студени облоги и чувајте ги нозете во студена вода).
– Кога сте во возило, отворете прозорец, за да овозможите вентилација на воздухот. Целосно затворените возила стануваат многу жешки. Не оставајте никого во возилото.
– Хроничните болни, посебно тие со срцеви, невролошки и белодробни болести, потребно е да бидат многу дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата терапија. За секакви промени на здравствената состојба, задолжително да го консултираат матичниот доктор.
– Пред употреба на свеж зеленчук и овошје, задолжително е нивно миење.
– Термички подготвена храна, да се конзумира веднаш после подготовката. Ако тоа не се направи, подготвената храна да се стави во ладилник на температура до +80, а пред употреба, да се загрее на +100 степени Целзиусови.
– Да се избегнуваат производи кои не се термички обработени (домашен мајонез, сладолед, разни кремови).
– Консултирајте се со својот доктор, доколку почуствувате невообичаени симптоми кои траат подолго време.
– Ако чуствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност или чувство на интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преместете се на постудено место, колку што е можно побрзо, и измерете ја својата телесна температура. Веднаш напијте се вода или негазиран минерален пијалок за да се рехидрирате.
– Ако имате болни грчеви во мускулите на нозете, рацете и стомакот, што побрзо одморете се на постудено место и напијте се течност што содржи електролити. Медицинска помош е потребна ако грчевите траат подолго од еден час.
– Ако некој член од вашето семејство или лице на кое помагате, има топла и сува кожа или е во бесознание, веднаш повикајте 194! Додека се чека итната медицинска помош, префрлете го на студено место и ставете го во хоризонтална положба, подигнете му ги нозете и колковите, отстранете му ја гардеробата, воспоставете надворешно ладење (студени облози на вратот, пазувите и слабините и постојано прскајте му ја кожата со вода). Мерете му ја телесната температура. Не давајте терапија. Ако лицето е во бесознание, не треба да лежи на грб, туку завртете го во странична положба. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука