Економија Избор ОБРАЗОВАНИЕ ТОП ВЕСТИ

Студентите од денес може да аплицираат на повикот за субвенциониран студентски оброк

Скопје, 1. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за образование и наука објави повик за субвенциониран студентски оброк за академската 2023/2024 година.

Право на субвенциониран оброк имаат редовни студенти на додипломски студии на државните и приватните универзитети, кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и кои немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во државава за тековната година.

Кандидатите треба да се пријават електронски на https://e-uslugi.mon.gov.mk/. При пријавувањето, кандидатите треба да ги пополнат обрасците Пријава за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и Изјава за точност на внесените податоци во пријавата за стекнување со право на субвенциониран студентски оброк и потпишани да ги прикачат кон електронската апликација на https://e-uslugi.mon.gov.mk/ преку која се пријавуваат за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк.

Субвенциониран студентски оброк е финансиска поддршка во износ од 140 денари, што студентот ја добива од Министерството за образование и наука за купување приготвена храна.

Рокот за пријавување за тековните студенти е од денес до 10-ти август, додека за кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2023/2024 година и кои не го запишале летниот семестар рокот за пријавување е од 1-ви до 7- ми октомври. Министерството за образование и наука ќе го извести секој кандидат за статусот на пријавата по електронски пат.

Студентите што ќе стекнат право на субвенциониран оброк ќе треба да потпишат договор со Шпаркасе банка за отворање посебна сметка поврзана со наменска платежна картичка. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука