Избор Култура ТОП ВЕСТИ

Културниот бран и оваа година ќе го заплисне Пештани

Охрид, 3. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во недела, на 6-ти август започнува манифестацијата „Културно лето Пештани“ што оваа година ќе трае шест дена.

– Сите уметности: ликовна, книжевна, музичка и драмска ќе бидат споени во една целина. Љубителите на уметноста ќе можат да уживаат во миксот од серенади, сериозната и народната музика. Исто така присутните ќе бидат почестени со поезија и проза како и доза хумор, информираат организаторите, Граѓанското здружение „ARTE AZZURRA”.

Свеченото отворање ќе биде од 20:30 часот на самиот брег, во центарот на Пештани.

Во понеделник, на 7-ми август со почеток во 20:00 часот ќе има гастрономска вечер, каде присутните ќе можат да вкусат од прекрасните традиционални јадења од езерското крајбрежје.

Од 8-ми до 11-ти август од 17:00 часот ќе има сликање и цртање на зајдисонце како и изложување на ракотворби од културната работилница.

Манифестацијата ја организира и реализира Граѓанското здружение „ARTE AZZURRA” со поддршка на Општина Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука