Избор Македонија ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

За идните студенти слободни 302 места на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид

Битола/Охрид, 3. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола го објави Конкурсот за упис на нови студенти.

На 11 единици на УКЛО место има за 2.565 нови студенти. Од нив 1.351 се за државната квота, другите 773 и 441 се наменети за студии со кофинансирање и вонредно студирање. На Техничкиот факултет во Битола вкупно 380 места за редовни и вонредни студенти, 275 места за факултетот за Информатички и комуникациски технологии, 75 за Технолошко-Техничкиот факултет-Велес кој е дел од битолскиот Универзитет, 248 на Економскиот факултет, 302 места на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, 230 на Педагошкиот факултет во Битола, 310 на Факултетот за безбедност во Скопје, 365 места за Правниот факултет, 120 за факултетот за Биотехнички науки, 45 на Ветеринарниот факултет и 215 на Високата медицинска школа. Заинтересираните кандидати имаат можност за солиден избор од широката лепеза специфични профили. Конкурсот ќе се реализира во три уписни рокови, а првиот рок започнува на 21-ви, 22-ри и 23-ти август 2023 година.

На охридскиот Факултет за туризам и угостителство може да се запишат 302 нови бруцоши, за 40-на помалку од лани.

Редовни студенти во државна квота, со партиципација од 200 евра ќе се запишат вкупно 136, редовни со кофинансирање од 400 евра – 103, а има место и за 63 вонредни студенти, со партиципација од 400 евра. Идните академски граѓани може да избираат меѓу студиските програми за туризам, каде има 50 слободни места, осигурување и менаџмент со ризик 40, царина и шпедиција 60, за менаџмент во услужен сектор предвидени се 50 места, на гастрономија 40, а на хотелско-ресторански менаџмент може да се запишат 30 средношколци.

И оваа академска година ќе бидат активни студиските програми на англиски јазик, на насоките туризам и царина и шпедиција, а ќе може да се запишат по 16 студенти.

Доколку не се пополнат квотите, вториот уписен рок е на 6-ти и 7-ми септември, а третиот на 22-ри септември.

УКЛО, во чии рамки е и охридскиот ФТУ и во новата академска година го стимулира уписот на најдобрите. На секоја единица на Универзитетот, од сите студиски програми заедно, на  три најдобро рангирани  кандидати, ќе им бидат рефундирани средствата од плаќање партиципација за првиот семестар од првата година на студии. (Крај)

извор: Тв Тера/ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука