ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Започнува првото издание на Ohrid Water Festival

Охрид, 19. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со пливачки митинг и Меѓународна охридска веслачка регата денеска започнува Ohrid Water Festival.

Организатор на митингот е пливачкиот клуб „Акваспирит“, а ќе се одржи на базенот „Атина Бојаџи“. Пријавени се над 150 пливачи, од 15 клубови и школи. Натпреварувањето е поделено во два дела и тоа утрински 08:00 до 12:00 и попладневен од 16:00 до 19:00 часот. Меѓународната охридска веслачка регата е во организација на Веслачкиот клуб „Горица Ремо“, а ќе се одржи на плажата Горица 1 (Кј Дивоно) од 08:00 часот.

Програмата во рамки на деветте фестивалски денови сé до 27-ми август, опфаќа 17 спортски настани, надополнета со голем број социјално-забавни настани. Ќе има кајакарска и едриличарска регата, триатлон, водени лудории, трка со СУП даски. Фестивалот ќе биде заокружен со акватлон и регата со традиционални кајчиња.

Забавниот дел на фестивалот ќе стартува во понеделник, на 21-ви август со концерт на Ѓоко Танески, а ќе финишира на 27-ми август со концерт на Камерниот битолски оркестар „Рок Симфонија“.

Фестивалот има неколку цели, а трите главни се промоција и развој на водените спортови, заштита на Охридското Езеро и негова промоција, како и збогатување на туристичката понуда. Централен настан ќе биде традиционалниот Охридски пливачки маратон.

Ohrid water festival како спортско туристички производ е поделен во два дела, спортски и социјално едукативен дел што ќе се случува во вечерните часови, ќе има концерти, забава со Dj-и, панел дискусии, изложби, промоција на храна и пијалоци автентични за охридскиот регион.

– Низ заедничка соработка, конечно успеавме од зборови да преминеме на дела и нашите идеи да ги претвориме во реалност. Се работи за една нова спортска приказна која е симбол на неизмерната љубов кон нашето уникатно Охридско Езеро испреплетена со нашата голема желба за поголем развој и популаризација на водените спортови. Манифестацијата вклучува натпревари и активности на вода и има за цел да допре до најмладата популација и да им ги промовира сите позитивни аспекти на водените спортови и да придонесе за зголемување на интересот и свеста за здрав начин на живот, подвлече градоначалникот Кирил Пецаков на неодамнешната прес конференција.

На официјалната веб страна на фестивалот ohridwaterfestival.mk може да се најде комплетната фестивалска програма. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука