ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Независниот советник Наумоски предлага три улици без уличен систем да се именуваат по Тодор Александров, градоначалникот Јован Стојаноски и Марко Бошнаков

Охрид, 22. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Независниот советник во охридскиот Градски совет Антонио Наумоски до претседателот на Советот на Општина Охрид Сашо Донев поднесе иницијатива за именување на три улици без уличен систем во градот.

– Оваа иницијатива ја доставувам по извршен увид во регистарот на улици на Општина Охрид, каде има голем број на населени места без уличен систем и истите согласно закон треба да бидат именувани од страна на Советот на општината, потенцира Наумоски.

Додава дека од горе наведените причини, а со цел да се оддолжиме на одредени личности од нашата историја и од општествениот живот, тој доставува предлог иницијатива до Советот на Општина Охрид со следните предлози за 31-та седница.

– Предлог број 1 е улицата која во регистарот е со број 130 да биде именувана во чест на македонскиот политички водач, војвода и еден од водачите ВМРО – Тодор Александров. Предлог број 2, улица која е без уличен систем во регистарот да биде именувана во чест на поранешниот Градоначалник Проф. д-р Јован Стојаноски, кој ненадејно почина на ден 17-ти декември 2018 година и предлог број 3, улица која е без уличен систем во регистарот да се именува во чест на нашиот сограѓанин и учесник во Македонското ревулуционерно движење и член на Гемиџиите – Марко Бошнаков, потенцира Наумоски.

Согласно член 4 од Закон за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, советникот Наумоски предлага новите имиња да се изгласаат од страна на Советот на Општина Охрид и истите да се вметнат во регистар на улици на Општина Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука